Ликовната програма на Младинскиот културен центар се одвива преку Галеријата која веќе три децении завзема исклучително место и улога во рамките на културната мисија во нашиот град. Особено внимание се посветува на афирмирање на младите автори кои по дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности се представуваат со своите први самостојни и групни изложби, било да се сликари, вајари или графичари.
Покрај изложбите на млади автори, Галеријата е отворена и за творештвото на афирмирани уметници од земјата и странство, како и за пригодни програми, координирани со програмските потреби на МКЦ.
Ликовната програма која се реализира преку Галеријата на МКЦ е во рамките на следниве проекти:
- Први самостојни изложби на млади автори кои дипломирале на ФЛУ како сликари, вајари и графичари.

- Изложби на фотографии, графички дизајн, инсталации, видео арт.



За овие триесет години од своето постоење во Галеријата се организирани над 500 изложби со уште повеќе автори. Да споменеме неколку имиња кои денес ја афирмираат нашата ликовна уметност и надвор од Македонија: Анета Светиева, Глигор Стефанов, Петре Николовски, Исмет Рамиќевиќ, Станко Павлевски, Ибрахим Беди, Јован Шумковски, Искра Димитрова, Антонио Мазневски, Славчо Соколовски, Томе Аџиевски, Симонида Филипова, Оливер Мусовиќ, Христина Иванова, Ирена Паскали, Славица Јанешлиева и други.