Младинскиот културен центар има чест да ве покани да учествувате на Четвртото издание на манифестaцијатa БЕЛА НОЌ 2008, што ќе се одржи на 27 септември 2008 во Скопје, Македонија
Задоволство ни е да објавиме дека Младинскиот културен центар - Скопје на 27 Септември 2008 година ќе го организира четвртото издание на БЕЛА НОЌ 2008. Овој културен настан во Скопје е финансиран од Град Скопје како културна манифестација на Град Скопје, а прв пат беше организирана на 22 октомври 2005 година. Оттогаш, БЕЛАТА НОЌ стана важен културен настан, препознатлив за граѓаните и јавноста, како значаен дел од културната мапа на Скопје.
БЕЛА НОЌ преставува фестивал на културата и уметноста која трае една вечер од раните вечерни до раните утрински часови (18.00 - 04.00), во која истовремено се прикажуваат и течат над 50-тина различни уметнички, спортски, социјални и културни проекти на различни локации во градот. За успешна реализација на програмските содржини во БЕЛАТА НОЌ се користат просторните капацитети на 8-те културни установи на Град Скопје, но исто така воспоставена е и соработка со другите културни субјекти во Скопје (национални установи, приватен и невладин сектор). Како значаен и неразделлив дел од БЕЛА НОЌ преставува и користењето на јавните градски простори како Плоштадот Македонија, улицата Македонија, кејот на реката Вардар, Старата Скопска Чаршија, но и други локации во центарот на градот, а дел од настаните се одвиваат и на улиците на Скопје.
БЕЛА НОЌ, овозможува и презентира голем опсег на културни и забавни настани за граѓаните на Скопје, туристите и културната јавност, кои се различни по тематика, содржина, медиум и стил. БЕЛА НОЌ во својот концепт е замислена како манифестација која покрај тоа што нуди културни содржини, вклучува и настани од спортски, хуманитарен и забавен карактер. Со цел да се задоволат културните потреби и барања на различните социјални, културни и етнички групи кои живеат во Скопје, БЕЛА НОЌ обезбедува различност во понудените културни проекти кои потекнуваат од различно културно милје, од субкултурната и од алтернативната култура, мултимедијални настапи, современи трендови и правци, па до секогаш бараните и академски признати класици. И покрај разновидноста на понудената програмска содржина, најважен критериум за организаторите при изборот на учесниците, несомнено е квалитетот и естетската вредност на понудените содржини.
Затоа ги повикуваме и покануваме сите заинтересирани културни установи и институции, независни уметници, уметнички групи, куратори и продуценти да предложат уметнички проект или настан на формуларот со повик за учество најдоцна до 15 Мај 2008.
Пожелно е да бидат приложени и дополнителни материјали кои го дообјаснуваат проектот или идејата заедно со Формуларот_за_учество. За евентуалното прифаќање на Вашата апликација ќе бидете известени на почетокот на Јуни 2008.
Доколку имате дополнителни прашања, слободно обратете се на Мирјана Стаматовска на телефон 02 3115 225 или на е-маил: mkc.info@gmail.com
Со почит,
Борис Момироски